ЗА СКОПСКИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН

 


Советот за развој на Скопскиот плански регион активно работи на создавање на предуслови за развој и промоција на природното и културно-историското наследство на територијата на сите 17 (седумнаесет) единици на локалната самоуправа кои влегуваат во состав на Скопскиот планскиот регион.

SLIKA_skopskiregion12

 

Имајќи ги во предвид природно-атрактивните, општествено-културните, комуникациско- сообраќајните, просторните и други услови со кои располага Скопскиот плански регион, постојат реални можности за успешен развој на туризмот како атрактивна стопанска гранка.

Главен проблем претставува не доволната информираност како на странските, така и на домашните туристи за туристичкиот потенцијал со кој располага регионот. Ваквата состојба ја наложи потребата од мапирање на природното и културно-историско наследство во Скопскиот плански регион.

Досегашниот стихиен развој на туризмот и другите негативни случувања во оваа област, што доведоа до стагнација на туристичкиот развој на регионот и пошироко, од една страна, и значењето на туризмот како значајна стопанска гранка во севкупниот развој, од друга страна ја наметнаа потребата од долгорочно планирање на развојот на туризмот преку збогатување на туристичката понуда и воведување на поинтензивна туристичка промоција и маркетинг на регионот.

Туризмот денес во светот е една од најголемите „индустриски“ гранки, односно стопански сектор со најбрз пораст. Преку него се „нудат“ и „продаваат“ нематеријални вредности како што се: разни информации, природни убавини, културно-историско минато, обичаи, фолклор, забавно-спортски и рекреативни активности и слично. За таа цел регионот презема конкретни мерки за унапредување на туристичкото стопанство како составен дел на економското окружување во регионот.

Изработената Студија со мапираното природно и културно-историско наследство е наменета за сите заинтересирани страни со цел да придонесе кон забрзан развој на регионалната економија.

Совет за развој на Скопски плански регион

Г-дин Сокол Митровски, Претседател

 

Skopski planski region

"Судија за мапирање и промоција на природното и културно историското наследство во Скопски плански регион"- СКОПСКО НАСЛЕДСТВО


 

ЗА ПРОЕКТОТ



 

Основна цел на проектот „Студија за мапирање и промоција на природното и културно-исторското наследство во Скопскиот плански регион“ е зачувување на културното наследство во изворна состојба; создавање на што поповолни услови за опстанок на културното наследство и задржување на интегритетот на сите податоци што тоа ги носи во себе како сведоштво, извор или своевиден документ; ширење на сознанијата за вредностите и значењето на културното наследство и за неговата улога во културната идентификација и оспособување на културното наследство, според неговата намена и значење, да служи за задоволување на културните, научните, едукативните, естетските, верските, економските, туристичките и другите потреби на граѓаните и на општеството; а како крајна цел е пренесувањето на културното наследство на идните генерации.

Со таа цел, Центарот за развој на Скопскиот плански регион како носител на проектот а во партнерство со сите 17 (седумнаесет) единици на локалната самоуправа и Градот Скопје изработи Студија за мапирање на природното и културно-историско наследство во Скопскиот плански регион со промотивен материјал, односно брошура, мапа на регионот како и мултимедијална (веб) презентација со сите верификувани факти за постојните вредности, но и на потенцијалните локации, што се важни за натамошните истражувања и ставање на истите во разновидна функција, за потребите на институциите и населението од овој регион.

Проектот „Студија за мапирање и промоција на природното и културно-историско наследство во Скопскиот плански регион“ е финансиран со средства од Буџетот на Владата на Република Македонија, односно преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2011 година, како и од буџетот на Град Скопје и Центарот за развој на Скопски плански регион.

Центар за развој на Скопски плански регион

Г-ѓа Анета Лозаноска Раввлинсон, Раководител